Трамп му даде рок на Хамас да го прифати мировниот план за Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ постави рок на палестинската милитантна група Хамас да го прифати мировниот план на Белата куќа за прекин на конфликтот во Појасот Газа и да спроведе мировен договор. Крајниот рок е недела во 18 часот по американско време.

​Трамп го критикуваше Хамас за одолговлекувањето со одговорот за планот и предупреди дека, доколку не се постигне договор, милитантната група ќе се соочи со „пекол каков што досега никој не видел“.

​Американскиот претседател посочи дека, и покрај „немилосрдните дејствија“ на Хамас низ годините, милитантната група ја добива последната шанса да опстане благодарение на мировниот договор поддржан од големите сили на Блискиот Исток и Соединетите Американски Држави.

​„Со договорот ќе бидат поштедени и животите на преостанатите борци на Хамас. Договорот е во полза на сите. Ќе имаме мир на Блискиот Исток на еден или на друг начин, а насилството и крвопролевањето ќе престанат“, истакна Трамп.