Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека палестинската милитантна група Хамас има рок од околу три до четири дена да одговори на неговата понуда за мировен договор за Појасот Газа.
Напуштајќи ја Белата куќа, Трамп ги информираше новинарите дека израелските и арапските лидери веќе го прифатиле планот и дека сега „ние само чекаме на Хамас“.
„Хамас или ќе го стори тоа или нема, а ако не го стори тоа, тоа ќе биде многу тажен крај“, предупреди Трамп, додавајќи дека „нема многу“ простор за преговори околу мировниот план.
Мировниот план, кој Белата куќа го презентираше вчера, предлага крај на конфликтот меѓу Израел и Хамас и враќање на сите заложници во рок од 72 часа од јавното прифаќање на договорот од страна на Израел.
Клучните точки од планот се:
Доколку двете страни се согласат, „војната ќе заврши веднаш“.
Израелските сили ќе се повлечат на договорените линии за да се подготват за ослободување на заложниците.
Откако ќе бидат ослободени сите заложници, Израел ќе ослободи 250 Палестинци кои отслужуваат доживотни затворски казни, како и 1.700 жители на Газа притворени по 7 октомври 2023 година.
Многу земји низ целиот свет, особено арапски и муслимански земји, го поздравија мировниот план. Египет, Јордан, Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Индонезија и Пакистан во заедничка изјава ја поздравија „улогата на американскиот претседател и неговите искрени напори“ и ја потврдија својата подготвеност за „позитивен и конструктивен“ пристап со САД за финализирање на договорот.