Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска изјави дека неговата администрација ќе бара воведување на смртна казна за секое убиство извршено во Вашингтон, иако истата е укината во главниот град од 1981 година.
„Ако некој убие некого во главниот град, Вашингтон, ќе бараме смртна казна. А тоа е силно средство за одвраќање“, рече Трамп за време на состанок во Белата куќа.
Иако федералната администрација може да побара смртна казна за федерални злосторства, таа нема директна надлежност за локалните случаи. Сепак, Трамп би можел да ги измени важечките закони, бидејќи Конгресот го надгледува Вашингтон, кој ужива посебен статус.
Во 1992 година, Конгресот веќе наметна референдум за повторно воведување на смртната казна, но тој беше отфрлен од две третини од гласачите.
Трамп е познат поддржувач на смртната казна, а на почетокот на својот втор мандат, тој потпиша извршна наредба со која им наложи на федералните обвинители почесто да поднесуваат такви обвиненија за најтешките злосторства.
Во моментов, смртната казна е укината во 23 сојузни држави на САД, а три држави (Аризона, Охајо и Тенеси) имаат воведено мораториум.