Трамп потпиша извршна наредба: САД се обврзуваат да ја гарантираат безбедноста на Катар

​Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која САД се обврзуваат да ја гарантираат безбедноста на Катар, што претставува значајна нова обврска кон овој клучен арапски сојузник кој не е член на НАТО.

​Според наредбата потпишана во понеделник, САД го позиционираат секој потенцијален напад врз Катар како директна закана за американската безбедност:

​„САД ќе го сметаат секој вооружен напад врз територијата, суверенитетот или критичната инфраструктура на Државата Катар за закана за мирот и безбедноста на САД“, пишува CNN.

​Во случај на таков напад, документот предвидува дека САД ќе ги преземат „сите законски и соодветни мерки – вклучувајќи дипломатски, економски и, доколку е потребно, воени – за да ги одбранат интересите на САД и Државата Катар и да го вратат мирот и стабилноста“.

​Оваа одлука доаѓа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за време на посетата на Белата куќа, му се извини по телефон на катарскиот премиер за израелскиот напад врз Доха минатиот месец. Потоа, Трамп и Нетанјаху во заеднички настап го претставија планот на Трамп од 20 точки за мир во Газа.