Трамп „прилично сигурен“ за договор за прекин на војната во Газа: Израелскиот народ го сака тоа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е „прилично сигурен“ оти ќе биде постигнат договор меѓу Израел и Хамас, базиран на неговиот план за прекин на војната во Газа.

​„Мислам дека ќе имаме договор… Тие буквално со векови се обидуваат да постигнат договор со Газа… Израелскиот народ сака ова да се случи“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.

​Запрашан за временска рамка за објавување на договорот или дали заложниците ќе бидат ослободени денеска, на втората годишнина од нападот на Хамас врз Израел (7 октомври), Трамп не даде прецизен одговор.

​Сепак, претседателот рече дека бил во контакт со семејствата на заложниците во врска со неговиот предлог и дека роднините се „воодушевени“.

​Трамп, исто така, негираше дека неодамна му рекол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да престане да биде „толку проклето негативен“ и да „прифати победа“ откако Хамас се согласил на предлогот на Белата куќа.

​„Не, не е вистина. Тој беше многу позитивен во врска со договорот“, изјави Трамп.

​На прашањето дали има црвени линии за Хамас во преговорите што почнаа во Египет, Трамп одговори потврдно.

​„Ако одредени работи не се исполнат, нема да го сториме тоа. Но, мислам дека се справуваме многу добро. Хамас се согласи на работи што се многу важни“, рече американскиот претседател.