Трамп: Разочаран сум од Путин, можно е да го скратам ултиматумот за Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска, за време на престојот во Шкотска, најави дека ја разгледува можноста за скратување на ултиматумот од 50 дена кој му го постави на рускиот претседател Владимир Путин за прекин на војната во Украина, пренесува „Политико“.

„Разочаран сум од претседателот Путин. Многу сум разочаран, па затоа ќе мора да ја преиспитаме ситуацијата. Можно е да го намалам рокот од 50 дена, бидејќи мислам дека веќе го знам одговорот“, изјави Трамп пред новинарите во Тернбери, Шкотска.

Трамп претходно во јули го предупреди Путин дека, доколку не дојде до прекин на војната до почетокот на септември, САД ќе воведат до 100 проценти царини за Русија и нејзините трговски партнери, што би имало сериозни економски последици.

„Мислевме дека неколкупати го решивме тоа прашање, а потоа претседателот Путин повторно почна со ракетни напади, како оној врз Киев, при што загинаа многу луѓе, меѓу кои и во дом за стари лица или нешто слично“, додаде Трамп.