Трамп се заканува со економски санкции врз Русија доколку не се постигне прекин на огнот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да воведе економски санкции против Русија доколку рускиот претседател Владимир Путин не се согласи на прекин на огнот во Украина.

​„Сакаме тоа да заврши. Имаме економски санкции… нема да влеземе во светска војна, но ќе биде економска војна. Ќе биде лошо за Русија“, рече Трамп, но не постави нов временски рок за спроведување на заканата.

​Трамп додаде дека сè уште верува дека може да посредува во договор за прекин на конфликтот, иако призна дека тоа е потешко отколку што очекувал.

​Тој, исто така, повторно сугерираше дека и украинскиот претседател Володимир Зеленски носи дел од вината за конфликтот.

​Според Си-Ен-Ен, ова не е првпат Трамп да се заканува со санкции против Русија, поставувајќи временски рамки кои подоцна биле продолжувани.