Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, изјави дека претпријатието работи на детектирање на „црните точки“ на патиштата во координација со МВР. Тој апелираше до граѓаните да внимаваат на сообраќајната сигнализација и најави подобрувања на критичните делници.
Нова сигнализација за експресниот пат Градско-Прилеп
За експресниот пат Градско-Прилеп, на кој за неколку месеци од пуштањето во употреба имаше пет жртви, Трајановски најави нова, подобрена сообраќајна сигнализација.
„Тоа е еден од новите патишта што ги пуштивме во текот на изминатава година, сето тоа е направено според законски важечки прописи. Но, со оглед на тоа дека имаше повеќе жртви на овој пат, ние веќе направивме проект и тој е даден во Министерството за транспорт“, рече Трајановски во гостувањето на телевизија „Канал 5“.
Тој очекува проектот да биде одобрен во најкраток можен рок, по што ќе започне поставувањето на новата сигнализација, која се очекува да ги намали сообраќајните несреќи.
Реконструкција на Скопската обиколница и нови патишта
Во врска со лошата состојба на Скопската обиколница, Трајановски најави нејзина поголема реконструкција следната година. Според него, веќе е решена состојбата на клучката Хиподром и кај хотелот „Белви“, а за обиколницата се прават проекти.
„Сметаме дека таму треба да го решиме со кредити. И за триаголникот Миладиновци-Петровец-Хиподром сме во преговори со Светска банка и други банки. Се надеваме дека следната година ќе почнеме со нивна реконструкција“, додаде тој.
Трајановски посочи дека во Македонија се градат нови патишта, додека старите не се одржуваат доволно, и апелираше да се одвојат повеќе средства од буџетите на ЈПДП и Владата за одржување на постојните патни правци.
На прашање за автопатите, Трајановски потсети дека се работи на три делници од договорот со „Бехтел и Енка“ (Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани) и најави дека наскоро ќе биде пуштен и вториот дел од автопатот Кичево-Охрид.