Трендафилов: Дали за ова трпат работниците? Дали е ова вистинската борба?

Според информации од работници што ни пристигнуваат изминативе месеци, истото лице, во име на владини функционери, пратеници, градоначалници, директори и партиски активисти, врши притисоци врз работниците да се приклучат кон квази-синдикатот САДУ во КСС. Овие притисоци се спроведуваат со закани, уцени и поништување на работни места, а партискиот синдикат, всушност, не се бори за работничките права.

Работниците, исплашени од овие страшни притисоци, заслужуваат јасен одговор: дали ова е начинот на кој се однесувате кон нив? Дали ова е вистинската улога на претседателот на КСС, да ја поткопува довербата на работниците и да се фати во рака со оние кои ги злоупотребуваат?

ССМ во последниот период јавно предупредуваше за ситуацијата, посочувајќи дека КСС е марионета во рацете на партиите. Исто така, беа доставени докази – документи, мејлови, дури и фалсификувани пристапници и потписи на работници, со цел да се прикаже лажна поддршка кон овој квази-синдикат.

Не можеме да молчиме пред обидот на овие уценети лица да го уништат работничкото движење и да ги загрозат работничките права. Главната цел на овие дејствија е да се спречи зголемувањето на платите.

Денес, најголем виновник за тоа што нема зголемување на платите по Општиот колективен договор во јавниот сектор, кој изнесува 12,6%, е токму синдикатот КСС. Заедно со СОНК, тие ги „продадоа“ образовните работници со предлог за само 7% покачување. Овој синдикат го минираше протестот за минимална плата од 500 евра, не го поддржа протестот на 1 мај и организираше коктел во скап хотел, не за работниците, туку за функционерите.

Тие јавно изјавуваа дека нема причина за протестирање и дејствуваа во сопствен интерес, на штета на работниците.

За тоа ли им дадовте сила и репрезентативност?

Сепак, мораме да прашаме: што прават вистинските работници во КСС, а што прелетачите од КСОМ и УНАСМ кои се приклучија кон овој синдикат?

Во вечната борба помеѓу трудот и капиталот, моќта на трудот е во неговата бројност и обединување, додека капиталот и власта располагаат со пари и политичка моќ. Но, ние знаеме како да се избориме и со капиталот и со власта.

Исто така, ќе мораме да се соочиме и со „дворските шутови“, оние кои ги предадоа и сè уште ги продаваат работничките интереси за лична корист.

Денес, кога се обединуваат сè повеќе синдикати за зголемување на платите, само заедно можеме да се избориме за праведни и повисоки плати.

Како претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, повикувам на обединување на сите синдикати и работници, за рамо до рамо да се спротивставиме на неправдите, ниските плати, инфлацијата и лошите услови за работа.

Доста е од уценети и квази синдикалци што го штетат работникот. Време е да се види кој е за, а кој против работниците!