Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на дебатата „Текстилијада 9“ во Штип порача дека минималната, но и сите останати плати мора веднаш да се зголемат.
Трендафилов истакна дека работниците се соочуваат со недостоинствен живот, наведувајќи дека еден работник работи за себе, работодавачот и менаџерскиот тим, а добива плата од само 400 евра со која не може да преживее месецот.
Податоците од Народната банка, според Трендафилов, покажуваат дека еден работник му заработува на својот газда меѓу 300.000 и 600.000 денари нето-добивка годишно, додека самиот е принуден да живее со минимална плата.
ССМ досега организирал 22 протести и два штрајка со јасно барање – минимална плата од најмалку 500 евра, што би овозможило достоинствен живот.
Претседателот на ССМ потсети дека дури ни две минимални плати не ја покриваат синдикалната минимална кошничка, која денес изнесува околу 65.000 денари. Тој додаде дека „100.000 денари се потребни за живот како што живеат функционерите“.
„Во регионот минималните плати се 500 евра и повеќе – во Србија, Босна, па дури и во Албанија. Работниците не треба да заминуваат во Германија, туку да можат пристојно да живеат дома“, рече Трендафилов.
Тој исто така изрази загриженост за новиот Закон за работни односи, забележувајќи дека е закочен веќе седум години, а наместо вистински дијалог, се предлагаат „опасни измени на штета на работниците“.