Трипуновски го нападна Николовски поради ИПАРД: Неговиот ум се користел исклучиво за криминал, наместо да глуми, ОЈО нека го истражи

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски (ВМРО-ДПМНЕ), без да даде детали за аферата со злоупотреба на ИПАРД фондовите, директно го нападна неговиот претходник Љупчо Николовски (СДСМ), тврдејќи дека тој го користел умот „исклучиво за криминал и ширење страв и паника кај земјоделците“.

​Во соопштението испратено од ВМРО-ДПМНЕ, Трипуновски го обвини Николовски за манипулации и обид за вештачко одржување во јавноста, тврдејќи дека неговата политичка кариера е завршена.

​„Наместо да глуми загрижен, добро би било да повика ОЈО да започне да го истражува неговото незаконско работење како поранешен министер“, порача Трипуновски.

​Во однос на аферата со злоупотреба на европските фондови, Трипуновски не даде детали, но потенцираше дека „нема простор за загриженост“.

​„Брисел ја поздрави брзата реакција на Владата за истражување на случувањата во Агенцијата. Претходно СДС во опозиција кодошеа и ја кочеа Македонија надвор, но тоа сега не им успева“, се вели во соопштението.

​Трипуновски порача дека Владата останува посветена на транспарентно и отчетно работење и бескомпромисна борба против криминалот.

​Министерот го потсети Николовски на периодот кога бил антикорупционер и „врвно достигнување“ му било броењето на испиени чаши со вода на министрите.

​„Епа сега за разлика од претходно, се апси, нема повеќе наш и ваш. Принципот по кој владееше ти и владата на СДС, како до сега ЗАВРШИ. Навикни се, сега има закон, правила и прописи кои мора да се почитуваат. Секој што се огрешил пред законот и направил злоупотреба на службената позиција мора и ќе одговара“, заклучува ВМРО-ДПМНЕ.