Трипуновски најавува доволно производство на пченица за домашни потреби

Површините засеани со пченица годинава се зголемени за 2% во однос на минатата година, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Тој најави и значителен раст на приносот, со што се очекува целосно да се задоволат домашните потреби.

​Според првичните податоци и теренските сондажи, министерот посочи дека просечниот принос на државно ниво оваа година ќе се движи над 4 тони по хектар.

​„Овие 70.000 хектари што ги имаме во евиденцијата, засеани со пченица, ќе дадат просек кој е многу поголем од минатите години. Ќе добиеме производство од 280 до 300.000 тони пченица, што е доволно за да ги покрие сите домашни потреби“, наведе Трипуновски.

​Стоковните резерви ќе се полнат од домашното производство

​Министерот истакна дека една од главните забелешки во минатото била што стоковните резерви се полнеле со увозна пченица, наместо со домашно производство. За да се промени оваа пракса, на владина седница е донесена одлука со која преку Агенцијата за стоковни резерви ќе се откупат 9.000 тони пченица од индивидуалните земјоделци за потребите на државните резерви.

​Откупот на пченицата ќе се врши во повеќе региони низ земјата, вклучувајќи ги битолскиот и прилепскиот регион, Овчеполието и западна Македонија.