Триумф на стартот во Лигата на шампиони: Пелистер го совлада Загреб

Ракометарите на Пелистер триумфално ја започнаа новата сезона во Лигата на шампионите, откако пред полни трибини во салата „Боро Чурлевски“ во Битола го совладаа Загреб со 25:23 (13:12). Ова е прва победа на македонскиот шампион против хрватскиот тим и доаѓа како круна на одличната игра на домашен терен.

​Најзаслужен за победата беше голманот Хеидарирад, кој имаше клучни одбрани, вклучувајќи ја и последната која спречи Загреб да израмни. Тој дури успеа да се запише и во листата на стрелци. Во нападот, најефикасни беа Дејан Манасков со осум и Филип Кузмановски со шест гола. Кај гостите, Главаш постигна осум погодоци.

​Пелистер одлично го отвори мечот, поведувајќи со 4:1. Со голот на Манасков од седум метри, резултатот се искачи на 7:3. Загреб, кој првите три гола ги постигна од пенал, успеа да се врати и да дојде на само еден гол негатива пред паузата (13:12).

​Второто полувреме почна со жестока борба и неколку исклучувања. Загреб го искористи моментот и со серија од 4:1 поведе со 14:16. Сепак, битолчани брзо се разбудија, ги казнија техничките грешки на противникот и со серија вратија на 19:17. Хеидарирад во овој период имаше две важни одбрани, кои му дадоа крилја на тимот.

​Во финишот, Пелистер влезе со предност од 22:19, а иранскиот голман продолжи да блеска. И покрај водството, македонскиот тим му дозволи на Загреб да се врати на 23:22. Сепак, со важниот гол на Радивојевиќ за 24:22, и одбраната на Хеидарирад во последните секунди, победата остана во Битола.

​Во следното коло од Лигата на шампиони, Пелистер ќе гостува во Париз против ПСЖ. Пред тоа, ќе одигра првенствен натпревар против Пролет.