Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица осомничени за кривично дело „Напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“ по член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според информациите, на 5 август, во вечерните часови, на улицата „Босна и Херцеговина“ во Скопје, тројцата осомничени – заедно со уште едно дете (против кое ќе се постапува согласно Законот за правда за децата) – физички нападнале тројца полициски службеници.
„Полицајците постапувале по дојава дека на локацијата има вооружени лица со автоматски пушки. При обидот да ги легитимираат лицата, осомничените одбиле и ги нападнале полицајците, удирајќи ги со боксови“, информираат од Обвинителството.
Полициските службеници успеале да ги совладаат и ги привеле напаѓачите.
Јавниот обвинител предложи на осомничените да им бидат определени мерки на претпазливост, и тоа:
Забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето,
Обврска за редовно јавување кај определено службено лице или државен орган,
Привремено одземање на патна исправа или забрана за нејзино издавање.