Додека огнената стихија вчера го голташе електронскиот и пластичниот отпад во Трубарево, жителите на населбата останаа во неизвесност и паника. Чадот и миризбата се неподносливи, а првичните мерења за загаденоста на воздухот сè уште не се достапни.
Миризбата се осеќаше во цела скопска околина.
Александар, кој живее на само 200 метри воздушна линија од местото на пожарот, со треперење во гласот изјави: „Ова е еколошка катастрофа, треба да се прогласи вонредна состојба за овој дел од градот. Нека дојде некој утрово да измери во Трубарево, ова е неподносливо.“ Тој додава дека миризбата на горена пластика и електроника е толку силна, што никој не излегува од домот.
Иако пожарникарските екипи се на терен, жителите не знаат дали пожарот е целосно изгаснат. „Не знаеме дали уште гори, бидејќи не излегуваме од дома, миризбата е неподнослива“, велат вознемирените жители.
На прашањето дали некој од надлежните дошол да ги посети, одговорија дека полицијата дошла доцна синоќа: „Да, дојде полиција ноќеска околу полноќ, ни дадоа насока доколку сме во можност да се евакуираме. Децата ги евакуиравме, ние возрасните останавме во куќите ноќта, но утрово и ние ќе појдеме некаде подалеку“, додаваат тие.
Дополнително, Министерството за здравство најави дистрибуција на заштитни маски за жителите од околината. Иако ова е чекор во вистинска насока, граѓаните очекуваат повеќе.
Додека екипите на терен се борат со огнената стихија, жителите остануваат во неизвесност за последиците од еколошката катастрофа. Се чекаат официјални податоци за загаденоста на воздухот, а граѓаните се надеваат на брзо и ефикасно решение на овој сериозен проблем.