Турција ги укина царините за американските производи пред средбата на Трамп и Ердоган

​Турција ги укина дополнителните царински стапки што беа воведени на голем број производи со потекло од САД. Оваа одлука, објавена со указ на претседателот Реџеп Таип Ердоган, претставува значаен чекор во подобрувањето на трговските односи меѓу двете земји.

​Царините беа воведени во 2018 година како одговор на американските такси на увозот на челик и алуминиум од Турција. Според турското Министерство за трговија, одлуката за нивно укинување е донесена по „позитивни преговори со САД“ и во согласност со целта за постигнување годишен обем на трговија од 100 милијарди долари.

​Дополнителните давачки се укинуваат за широк спектар на производи, вклучувајќи автомобили, алкохолни пијалаци, козметички производи, тутун и ориз.

​Оваа одлука доаѓа пред планираната средба на претседателите Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган на 25 септември во Белата куќа.

​Како што најави Трамп, двете земји работат на голем број трговски и воени договори, вклучувајќи ја и набавката на авиони „Боинг“ и F-16. Анкара се надева дека ќе постигне договор и за борбените авиони F-35, од чија програма беше исклучена по купувањето на рускиот ракетен систем С-400.