Туфегџиќ: Обвинителството не понуди доказ за вмешаност на Александар

По денешното рочиште за монструозните убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски, Владимир Туфегџиќ, адвокатот на таткото на Вања, изјави дека е разочаран од настапот на Обвинителството, за кое вели дека не приложило ниту еден доказ што го поврзува неговиот клиент со делото.

„Очекував енергија и силна аргументација, а добивме само неповрзани фрагменти и прочитани докази. Единствената основа на обвинението против таткото е тоа што, според нечија перцепција, се однесувал чудно. Тоа не е доказ“, рече Туфегџиќ.

Тој повтори дека нема ниту една комуникација, ниту еден елемент кој го инкриминира Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, и изрази надеж дека судот ќе донесе правилна одлука.

„Јасно е дека убиствата не се сторени од користољубие, туку за да се внесе страв и немир во јавноста, особено кај учениците и родителите. Целиот случај е резултат на површна истрага и сериозни пропусти“, додаде адвокатот.

Туфегџиќ уште еднаш ја осуди употребата на тортура во 21 век и повика на одговорност за истражните методи што биле применувани.

Обвинителството, пак, во своите завршни зборови повтори дека Вања и Панче биле свирепо убиени, а дека таткото дал клучна информација – дека ќерката ќе оди сама на училиште, што, според нив, било првиот чекор кон нејзиното киднапирање.

За случајот се обвинети: Љупчо Палевски – Палчо, Влатко Кешишев, Боре Видевски, Велибор Манев, како и таткото на Вања, кој се товари за помагање во киднапирањето.