Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопшти дека се лишени од слобода 11 лица, а по едно сè уште се трага, поради основано сомневање за сторени кривични дела „лихварство“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Криминалната група се организирала од почетокот на 2022 година и се стекнала со противправна имотна корист од над 125 милиони денари.
МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО за ГОКК) поднесе кривична пријава против вкупно 12 физички лица и едно правно лице. Деветмина од осомничените (Љ.Љ., Д.В., А.Т., Д.Љ., М.В., М.Н., А.Т., З.А., и недостапниот Б.К.) се товарат за лихварство и перење пари, додека М.К., П.К. и Г.С. се осомничени само за перење пари.
Деветмина од осомничените се организирале во криминална група која давала пари со договор, договарајќи несразмерна имотна корист.
Ја искористувале финансиската состојба на оштетените лица, позајмувале пари со пресметување на камата од 5% до 15% месечно за секое задоцнување.
Кога оштетените не можеле да ја вратат позајмицата, осомничените барале да им го предадат или оптоварат имотот, пренесувајќи го на нивно име.
Наплатата се вршела директно или преку трансакциски сметки.
МВР појаснува дека паричните средства добиени од лихварство биле внесувани на сметки во банка или во сеф. Дванаесетте осомничени и едно правно лице се сомничат дека на овој начин се стекнале со противправна имотна корист од 125.033.527 денари.
Парите потоа биле внесувани во легалните финансиски текови на различни начини:
Се користеле за трансакции кон сметки на правни и физички лица.
Се преземале на сопствени сметки за плаќање на животни потреби.
Со дел од нив се купувал недвижен и движен имот.
Голем дел од средствата биле извадени во готовина за водење луксузен живот.