Челниците на УЕФА, воодушевени од новиот формат на Европските купови, започнаа консултации за воведување сличен „швајцарски модел“ во квалификациите за Европското првенство.
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, смета дека сегашниот квалификациски модел (со 12 групи) е застарен, предвидлив и неинтересен за телевизиските куќи.
„Сигурно е дека ќе има промени. Луѓето постојано бараат нешто ново… Форматот на Европското првенство нема да се промени, но квалификациите веројатно ќе се променат. Нема да има повеќе натпревари, само ќе биде понеизвесно“, објасни Чеферин за „Тајмс“.
Наместо досегашните 12 групи, сите репрезентации би биле сместени во две големи групи. Натпреварите би се играле според швајцарскиот модел (систем на бодување без сите да играат меѓу себе), а најдобрите од двете табели би обезбедиле пласман на ЕП.
Првите разговори се веќе одржани со 28 генерални секретари на европските земји. Сепак, промените нема да важат за квалификациите за следното Европско првенство во 2028 година, туку за циклусот што следува потоа.