Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, на денешната прес-конференција изјави дека Унгарија купува руска нафта отворено бидејќи нема друг избор. Тој ги нарече лицемери најгласните критичари, како што е американскиот претседател Доналд Трамп, кои ги осудуваат европските држави за купување руска нафта.
Сијарто нагласи дека многу од овие земји тајно купуваат руска нафта преку одредени азиски земји, бидејќи е поевтина.
Сијарто посочи дека Унгарија мора да соработува со Русија за да обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија. Тој ја критикуваше Европската Унија за отфрлање на барањата на Будимпешта за помош во подобрувањето на снабдувањето со гас во Југоисточна Европа.
Дополнително, Сијарто истакна дека Хрватска ги зголемила транзитните такси петкратно над европските референтни вредности, наместо да соработува за проширување на транзитната инфраструктура.