Унијата на медицински сестри остро реагира што не била поканета на јавната расправа со министерот за здравство, иако претходно добила ветување дека ќе биде вклучена. Тие сметаат дека овој чин е директно игнорирање на реалните потреби на професионалците.
Претседателката на Унијата, Гордана Бешлиовска, изјави дека и покрај официјалната средба со министерот каде што било договорено Унијата, предводена од здружението ЗМСТАС „За-нас“, да биде дел од работните групи, денеска не биле поканети.
„Ова го сметаме за директно игнорирање на реалните потреби и гласот на професионалците кои секојдневно се на терен и го носат товарот на здравствениот систем“, нагласи Бешлиовска.
Таа бара објаснување зошто е прекршен договорот со министерот и бара итно вклучување на легитимни и активни претставници на медицинските сестри во сите идни работни групи и јавни расправи.
Игнорирање наспроти меѓународен успех
Бешлиовска апелира до институциите да престанат со „формални и политички решенија“ кои ја маргинализираат сестринската професија.
Таа изрази разочарување што игнорирањето доаѓа во период кога македонските медицински сестри постигнуваат меѓународни успеси. Како пример го наведе одржаниот четврти меѓународен конгрес на медицинските сестри и Регионалната ЕСНО конференција во Струга овој викенд, настан со повеќе од 80 предавања и еминентни имиња од целиот регион и светот.
„Тоа беше настан од највисоко професионално и научно ниво, кој уште еднаш ја потврди посветеноста, компетентноста и лидерството на македонските медицински сестри на меѓународната сцена“, додаде Бешлиовска.