Заменик-премиерот Арбен Фетаи во интервју за PressOnline.al ја критикуваше Демократската унија за интеграција (ДУИ), велејќи дека партијата го изгубила политичкиот правец и се однесува како деструктивна опозиција.
Според Фетаи, ДУИ се обидува да ја саботира владејачката коалиција ВЛЕН преку „лажни вести и злонамерна пропаганда“, но без успех. Тој нагласи дека во изминатите 15 месеци, ДУИ не предложила ниту едно конкретно решение во Собранието.
Напротив, како што рече Фетаи, нивните функционери, вклучувајќи го и Артан Груби, продолжуваат да шират дезинформации. Според него, ова однесување на ДУИ е мотивирано од стравот од одговорност за бројните коруптивни афери во кои биле инволвирани.
Фетаи истакна дека злоупотребите на стотици милиони евра во енергетиката, Лотаријата и други сектори се документирани и процесирани. „Некој ќе мора да сноси одговорност за злоупотребувањето со буџетските средства. Тие се борат да не се соочат со правдата и да останат неказнети, како што беа речиси четвртина век“, изјави Фетаи.
Тој изрази уверување дека на локалните избори во октомври, ДУИ ќе остане во опозиција на секое ниво. Фетаи верува дека е време да излезат во преден план нови личности, без коруптивни афери, кои ќе понудат визија за развој и подобар живот за граѓаните.