ФЗО за разрешениот директор Кузмановски: Евидентиран е како активен специјалист од 2010 година, а Клиниката е одговорна за лиценците

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) соопшти дека, според нивната електронска евиденција, разрешениот директор на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, е евидентиран како активен специјалист по неврологија со факсимил број 712680, во рамки на договорот со Клиниката.

​ФЗО истакнува дека факсимилот на Кузмановски е активен од 1 април 2010 година, со еден прекин во 2018 година поради неплатено отсуство.

​Фондот посочува дека одобрението за издавање на факсимилот е дадено врз основа на официјално доставен список на лекари вработени во Клиниката за неврологија, кој бил потврден и заверен од самата здравствена установа.

​Во соопштението се нагласува:

​Согласно членот 3 од договорот меѓу ФЗО и Клиниката, „обврска на здравствената установа е да обезбеди стручен кадар кој ги исполнува условите… меѓу кои и условот лекарите да поседуваат важечка лиценца за работа“.

​Според актуелната процедура, при склучување договори, здравствената установа треба да достави барање придружено со важечка лиценца за работа издадена од соодветната комора и заверена на нотар.

​ФЗО додаде дека во обид да спречи незаконско работење и фалсификување на лиценци, на 15.11.2024 година се обратил до Лекарската комора за електронско поврзување и преземање на сите активни лиценци, но Комората до денешен ден не одговорила на барањето.

​ФЗО најави дека останува доследен во примената на законските прописи и подготвен за транспарентна комуникација.