Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, остро реагираше на ставот на ВМРО-ДПМНЕ, која резолуцијата за национално обединување околу европските интеграции ја оцени како „ново предавство“. Филипче нагласи дека целта на документот е јасна: дефинирање на заедничките црвени линии и надминување на општествените поделби.
„Се што предложивме е Резолуција за која требаше да има национално обединување. Таму се заедничките црвени линии. Ајде да го направиме тоа заедно, во интерес на сите граѓани. Граѓаните сакаат да видат на Македонија како напредува во Европа“, рече Филипче.
Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за лицемерие, посочувајќи дека истите ставови за националниот идентитет кои СДСМ ги нуди како основа за резолуција, постојат и во програмата на опозициската партија.
„Јасно се дефинирани црвените линии. Дополнително на тоа, такви црвени линии има и во програмата на ВМРО ДПМНЕ 1198. Еве што пишува: Македонскиот многувековен идентитет, јазик, посебност, култура, обичај, традиција и херои не сме да бидат дел од било какви политички преговори. Кажете ми што е разликата? “, потсети Филипче.
Претседателот на СДСМ оцени дека сето што го прави ВМРО-ДПМНЕ е само еден голем спин и алиби за да не се направи ништо и државата да стои во место.
„Така не се води држава, извинете“, порача Филипче, оценувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ намерно создава конфликти за да го избегне одговорот на клучното прашање – зошто Македонија стагнира.