Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанскиот собир „Се бориме за нашиот дом“ во Карпош изјави дека власт која ја губи довербата од народот „измислува непријатели за да ја скрие вистината“.
Филипче ја осуди црната кампања која ја води ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека таа е доказ за неспособност и страв од народот.
„Власт која води негативна кампања кон опозицијата не е само неспособна власт, тоа е власт која не сака напредок, не сака дијалог и не сака компромиси. Тоа е власт за која напредокот на државата е непријател“, потенцираше Филипче.
Тој ја обвини владејачката партија дека се храни и одржува од внатрешни поделби, сиромаштија која ја контролира со корупција и од хаос во кој се создава апатија. Притоа, повика на единство, разум и отпор против лагите и поделбите.
„Јас во нивната кал нема да влегувам, туку ќе продолжам да ги разобличувам. Нека се препелкаат во национализмот, во лажниот патриотизам и во својата неспособност самите тие“, заклучи претседателот на СДСМ.