Филипче: Гази Баба бара промени, Влатко Митовски е чесен и работи за граѓаните

​Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во Гази Баба изјави дека сите изборни ветувања на ВМРО-ДПМНЕ се покажале како лага. Тој нагласи дека се потребни промени и дека претстојните локални избори се можност граѓаните да испратат порака дека сакаат подобра општина.

​„Потребни се промени, локалните избори се шанса да се испрати пораката дека граѓаните сакаат подобро, сакаат подобра Гази Баба. СДСМ на овие избори излегува со чесна понуда, остварливи програми и компетентни луѓе со интегритет“, рече Филипче.

​Тој го поддржа кандидатот за градоначалник од СДСМ за општина Гази Баба, Влатко Митовски, истакнувајќи дека неговата програма нуди реални и издржани проекти, како што се решавање на проблемот со кучињата скитници, изградба на нова спортска сала и затворен базен, како и субвенции за пазарџиите.

​Филипче нагласи дека граѓаните ќе избираат помеѓу „докажани луѓе кои стојат зад својот збор и луѓе кои бегаат како кукавици при првата криза“.

​„Не ветуваме лесен пат, но ветуваме борба – борба со главата високо. Време е за мерка во политиката: компетентност и резултати наместо гол ПР, работа наместо парада, ред наместо партиски хајки“, додаде Филипче.