Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, остро ги нападна изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија е цел на хибриден напад од странски центри на моќ. Филипче ги нарече изјавите „смешно алиби за неспособност“ и предупреди дека се злоупотребува безбедносната сфера на државата.
„Мислам дека ниту еден премиер до сега не се осмелил вака да ја потресе ситуацијата во однос на безбедносната сфера на земјата“, изјави Филипче.
Тој посочи дека доколку тврдењата на Мицкоски биле вистинити, институциите морале веднаш да реагираат.
„Немаше акција за решавање на проблемите“
Филипче нагласи дека во ситуација на хибриден напад, требало да заседава Советот за безбедност, да излезе Армијата на терен, да се активираат сите безбедносни служби и да се извести НАТО.
„Ништо од тоа не се случува“, рече тој.
Според Филипче, владата на ВМРО-ДПМНЕ не понудила ниту едно вистинско решение за проблемите што се напластуваат во изминатата година и пол. Тој заклучи дека целата приказна на премиерот е „пиаровска драма“ која има за цел да ја покрие неспособноста на власта да реагира во кризни ситуации.