Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска се сретна со претставници од Сојузот на борци на НОАВМ по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, честитајќи го празникот и истакнувајќи го значењето на НОБ за темелите на државата.
На средбата беше нагласено дека македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата – на страната на слободата, правдата и одбраната на достоинството.
Филипче истакна дека бил воодушевен од средбата со, како што рече, „директните потомци на народни херои, првоборци, луѓето коишто со крв се вградија во темелите на оваа држава“.
Тој порача дека борбата за подобро општество не е завршена и дека мора уште напорно да се работи за целосно да се исполни аманетот на предците.
„Треба уште многу да работиме напорно, да ја зајакнеме оваа држава, да го завршиме евроинтегративниот пат, за Македонија да биде убаво место за живеење во кое што младите ќе ја гледаат иднината,“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека најголемите непријатели на денешнината се „корупцијата, партизацијата и сиромаштијата“, против кои треба да се постигне национален консензус и да се продолжи борбата.