Филипче: Мицкоски да не глуми опозиција, не сака правда, туку судство под контрола

​Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Штип остро го критикуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за неговите најави за правда по локалните избори, обвинувајќи го дека не сака вистински реформи, туку контрола врз правосудството.

​Филипче директно му се обрати на Мицкоски, прашувајќи го што направил за правда откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт повеќе од година и пол.

​„Го слушам Мицкоски вчера, вика после изборите ќе донеле правда. Немало правда заради СДСМ и Филипче. Мицкоски, дали си ти уште во опозиција? Што направи ти за правдата да кажеш после година и пол? Што? Освен што вработивте во судството и обвинителството ваши луѓе — баџанаци, сопрузи на градоначалници. Што друго направивте?“

​Лидерот на СДСМ потенцираше дека власта на ВМРО-ДПМНЕ нема вистинска намера да донесе реформи, туку сакаат контролирана правда за да „сеат страв, да вршат притисоци и да владеат со уцени“.

​„Вистината е дека не сакате правда, сакате ваша правда, контролирана правда… Ама СДСМ тоа нема да го дозволи. Тој филм го гледавме и го знаеме”, порача Филипче.

​Тој заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ свесно бега од реформите и ги блокира сите обиди за подобрување на системот: „И баш затоа не спроведувате реформи, затоа ги фрливте законите во ѓубре, затоа избегавте од нашата понуда на СДСМ заедно да ги направиме реформите. Со ВМРО-ДПМНЕ правда нема.”