Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска ги критикуваше насоките на премиерот Христијан Мицкоски за работата на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека тие довеле до „катастрофално управување“ со општините. Како пример, тој ја посочи поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.
„Тоа доведе Скопје да стане страшно валкан и едноставно неубав град за живеење со нивната градоначалничка, Данела Арсовска“, изјави Филипче.
Филипче најави дека СДСМ ќе настапи на претстојните локални избори со „чесни кандидати“ кои се почитувани во заедниците. Тој даде гаранција дека сите градоначалници на СДСМ ќе работат чесно и одговорно.
Партијата ќе им понуди на граѓаните реални и остварливи програми, со големи развојни планови за големите општини и микро-планови за решавање на секојдневните проблеми во помалите средини. Во однос на вториот изборен круг, Филипче најави разговори и со партии од албанскиот блок.
Филипче изрази жалење што не е донесена измена на Изборниот законик по одлуката на Уставниот суд, што може да предизвика хаос за независните кандидати.
„Ние помогнавме, го прифативме предлогот да се намали бројот на потребни потписи за пријавување на кандидатурите од 1% што го укина Уставниот суд, на 0,5%, што мислиме дека е фер“, нагласи тој, додавајќи дека лично ја поддржува волјата на граѓаните да кандидираат свои кандидати.
СДСМ најави дека ќе води позитивна кампања, фокусирана на промовирање на нивните кандидати и политики, наместо на напади.
Филипче ги потсети граѓаните дека сите ветувања на ВМРО-ДПМНЕ од 2024 година останаа неисполнети, вклучувајќи ги и оние за евроинтеграциите.
„Албанија и Црна Гора не претекнаа, додека стандардот во Македонија стагнира. Не смееме да дозволиме повторно да се врати политиката на лажни ветувања“, рече Филипче.