Филипче од Битола: Градот е оставен на маргините, време е за промена со Куновски

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанскиот собир „Се бориме за нашиот дом“ во Битола, остро ја критикуваше актуелната локална власт, нагласувајќи дека градот е оставен на маргините.

​„Четири години, Битола е оставена на маргините. Четири години, градот што некогаш беше препознатлив по култура, по историјата, по урбаниот дух сега се гуши во застој, смет и запустеност. Проектите стојат, улиците пропаѓаат, а младите си заминуваат. Нема визија, нема стратегија, нема ниту основна одговорност”, порача Филипче.

​Тој нагласи дека е време за промена која доаѓа со кандидатот за градоначалник Методија Куновски и тимот на СДСМ и Коалицијата.

​„Тоа е тимот што ќе работи со вас и за вас. Ќе слуша, ќе решава, ќе биде присутен. Не само во кампања, туку секој ден. Ова се чесни луѓе, луѓе со интегритет, луѓе професионалци, кои она што ќе го ветат ќе го исполнат”, истакна Филипче.

​Претседателот на СДСМ ги повика битолчани на 19 октомври да гласаат за бројот 5 за СДСМ и Коалицијата, за политика што носи резултати, а не изговори, и за луѓе што се борат за другите, не за себе.