Филипче од Велес: Владата на ВМРО-ДПМНЕ одби пет иницијативи на СДСМ за раст на платите

​Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Велес ја критикуваше Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за тотална незаинтересираност за граѓаните и за мерките за подобрување на животниот стандард.

​„Помина година и пол од оваа власт… Доволно време да сфатиме дека имаме ненародна, арогантна, но пред сè власт без чувство за потребите на луѓето. Ова е реалноста,“ порача Филипче.

​Филипче ја обвини Владата на ВМРО-ДПМНЕ дека ги одбила сите предлози на СДСМ кои се во интерес на работниците.

​„Имаше реални добри закони со кои се олеснуваше секојдневнието. Имаше пет иницијативи за покачување на платите, како минималната така и просечната во приватниот сектор. Што направи Владата на ВМРО-ДПМНЕ? Ги одби сите иницијативи“, нагласи претседателот на СДСМ.

​Тој додаде дека СДСМ предложиле и мерка за компаниите, да се субвенционираат придонесите за да не биде тоа на товар на фирмите, а сепак да има раст на платите, но и тоа било одбиено.

​Филипче потсети дека СДСМ цела година нуди решение за минимална плата од 500 евра, со јасна методологија која веќе докажала дека може да функционира.

​Тој посочи дека земјите од регионот веќе преземаат чекори за раст на минималната плата, наведувајќи дека Албанија ја покачува минималната плата на 520 евра, а во Србија таа расте секоја година.

​„СДСМ цела година нуди решение – минимална плата од 500 евра! Не популистички, туку со јасна методологија, со модел што веќе докажа дека функционира, ние покажавме дека државата може да расте и кога има кризи, ако има грижа за граѓанинот,“ истакна Филипче.