Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом“ во општина Карпош, порача дека ароганцијата на власта не може да трае бесконечно бидејќи народот не заборава и веќе ја препознава вистината.
„Македонија веќе се буди. Луѓето почнуваат да разбираат дека ова не е влада на народот, туку влада над народот”, рече д-р Филипче.
Тој нагласи дека граѓаните ги препознаваат лагите и манипулациите на ВМРО-ДПМНЕ и кај нив се буди чувство за промени. „И секојдневно расте чувството дека е време нешто да се промени, не само на избори, туку во начинот на размислување, во начинот на политичко дејствување”, истакна лидерот на СДСМ.
Филипче остро ја критикуваше актуелната власт, потенцирајќи дека денес имаме власт која „не ја води државата, туку ја режира“.
„Сè е претворено во настап, во шоу, во перформанс без никаква содржина и суштина. Нека каже Мицкоски еден реален проект или политика со која направи нешто добро за луѓето. Нека каже само еден – нема таков”, нагласи д-р Филипче, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ, освен што се сликаат со проектите од СДСМ, како завршени патишта 90%, ништо друго не направиле.
На крајот, тој порача дека СДСМ секогаш ја третирале државата како заеднички дом, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, кои ја третираат како „Белата палата, своја зграда изградена од криминал”.