Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со кандидатката за градоначалник на општина Карпош, Маја Мојсова Мијовска, се сретнаа со граѓаните, порачувајќи им дека СДСМ е единствената сила која може да ја спаси државата од „режимот, сиромаштијата и институционалното уништување“.
„Брутална партизација, брутално задолжување на земјата од сомнителни извори во огромни суми како никогаш досега, злоупотреба и политички реваншизам. Нема никаква грижа за граѓаните – грижа има само за себе, за партијата и за една мала група луѓе“, изјави Филипче на средбата.
Тој нагласи дека борбата за подобра иднина мора да започне од локално ниво и да биде вовед во голема победа. Според него, граѓаните бараат чесност и одговорност, токму она што го нуди СДСМ.
„Не е лесно – и ние не ветуваме лесно. Ветуваме тешка борба, но искрена и чесна. Ние сме тие кои треба да ја спасат државата од политичка катастрофа. Само со единство и обединети сили можеме да победиме“, додаде Филипче.
Тој ја истакна својата поддршка за кандидатката Мојсова Мијовска, која како докторка има искуство во работата со луѓе и разбирање на нивните проблеми.