Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓански собир во Кочани, изјави дека ниту еден политичар не може да оди со крената глава пред граѓаните на Кочани кои со месеци бараат правда по трагедијата, истакнувајќи дека „нема достоинство во ароганцијата и лицемерието“ пред луѓето што изгубиле сè.
Филипче потенцираше дека дошол како човек свесен дека политиката и политичките партии во изминатите триесет години го граделе системот и никој нема право да се амнестира од одговорност за случената трагедија.
„Со крената глава не се оди пред луѓе што изгубиле сè, а не ја добиваат сè уште вистината. Со крената глава не се оди кај оние кои со месеци бараат правда, а имаше обиди за селективна правда,“ рече претседателот на СДСМ.
Филипче нагласи дека трагедијата во Кочани е болка што не се заборава и празнина што не се пополнува, истакнувајќи ја потребата од човечност, почит и грижа.
„Наназад не можеме да ги смениме работите, но можеме да извлечеме поуки – и да го смениме системот. Да ја смениме иднината,“ порача тој.
Тој заклучи дека СДСМ се бори за „вистинска, искрена реформска промена на државата“, вклучувајќи темелни реформи во судството и институциите. Придвижувањето на земјата кон ЕУ, според него, е единствениот пат за коренита промена на работите во државата.