Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Охрид, упати силен повик за активна граѓанска борба против неправдата, самоволието и деградацијата на институциите под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче истакна дека повикот за борба е погласен од кога било, почнувајќи од секое маало и семејство.
„Ние мораме да се бориме за нашиот дом. Наша обврска е да ја вратиме надежта дека оваа власт не може да прави што сака,“ истакна Филипче.
Тој ги повика граѓаните да не молчат пред ароганцијата на власта и игнорантскиот однос кон нивните реални потреби: „Да дигнеме глас дека нема да молчиме пред неправдите… Ние не смееме да оставиме самоволие на неколкумина да биде државна политика. Ние не можеме да дозволиме државата да стане алатка за лични интереси.“
Лидерот на СДСМ остро ја критикуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја за неспособност и одмаздољубивост.
„ВМРО-ДПМНЕ докажа дека не знае да работи, дека немаат ниту капацитет ниту пак желба да им помогнат на луѓето да живеат подобро… Но докажаа дека сакаат и знаат само да се одмаздуваат, да владеат со терор и да шиканираат,“ рече тој.
Филипче заклучи со порака дека државата, која е создадена со борбата на генерации (АСНОМ), не смее да биде уништена и приватизирана од мала група поединци. Тој предупреди дека ако граѓаните сега не излезат да се борат, „на секој ќе му биде уште потешко“.