Филипче од Охрид: Потребна е силна опозиција за да се спречи ароганцијата и деградацијата на државата

​Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), д-р Венко Филипче, во своето обраќање на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Охрид, истакна дека за само година и пол владеење, ВМРО-ДПМНЕ не донесе ништо друго освен ароганција, поделби и изневерени очекувања.

​Филипче го критикуваше владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека власта нема капацитет да изгради правна држава, туку нуди само празни изјави.

​„Што да се каже за правда и правна држава кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт? За нив тоа е непозната именка, апстрактна уметност – зборуваат за неа, ама никој не ја гледа. Театрални изјави, без ниту еден донесен закон од реформската агенда за вистинско реформирање на правосудниот систем“, нагласи Филипче.

​Лидерот на СДСМ го критикуваше и премиерот Мицкоски за евроинтеграцискиот процес, посочувајќи дека иако Мицкоски секојдневно дава изјави дека нешто се поместува, државата всушност е сѐ подалеку од ЕУ.

​„Сам се пофали премиерот дека реформската агенда е „најдобриот документ што го подготвила оваа Влада“, понатаму дека е „инструмент за демократизација на општеството“, понатаму „патоказ за да ја донесе Европа дома“, но со секој изминат ден државата ни е сѐ подалеку од Европа и од демократија со Мицкоски. Секоја негова изјава е едноставно нова лага“, рече Филипче.

​Филипче заклучи дека поради ваквата состојба, повеќе од кога било е потребна мобилизација и единство. Тој оцени дека само со јасна и силна опозиција може да се спречи понатамошната деградација на државата.

​„Наша обврска е да ги спречиме, СДСМ е партијата која може да го направи тоа и јас верувам дека секој еден од вас тоа го знае… Наша задача да им ја вратиме вербата дека сме тука за нив“, порача претседателот на СДСМ.