​Филипче од Париз: Потребен е консензус за напредок кон ЕУ, СДСМ подготвува Резолуција

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за време на работната посета на Париз, оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, со цел да ги промовира реформската агенда на партијата и предлог-резолуцијата за деблокирање на евроинтеграцискиот процес.

​Филипче се состана со:

  • ​Лилиана Танги, пратеничка и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија
  • ​Жозеф Жустиниани, шеф на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана
  • ​Брис Рокфеј, директор за Континентална Европа во Министерството за Европа и надворешни работи
  • ​Рене Троказ, специјален претставник за Балканот

​На состаноците, француските претставници ја истакнаа својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија, но нагласија дека се потребни брзи резултати и напредок во реформите. Тие пренесоа очекувања дека Македонија треба да го забрза процесот, следејќи ги примерите на Албанија и Црна Гора.

​Филипче ги презентираше позициите на СДСМ, нагласувајќи дека партијата има проактивен пристап и работи на конкретни решенија. Тој соопшти дека е во завршна фаза подготовката на Резолуцијата, која ќе ги потврди националните „црвени линии“ како што се македонскиот јазик, култура и идентитет.

​Резолуцијата, според него, ќе обезбеди и механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија кои излегуваат од Преговарачката рамка.

​Филипче истакна дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека Македонија мора да ја искористи оваа можност. Целта на посетата беше да се зајакне поддршката за Македонија и да се промовира Резолуцијата како „вин-вин решение за државата и граѓаните“.