​Филипче од Париз: СДСМ подготвува Резолуција за деблокирање на европскиот пат

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за време на работната посета на Париз, изјави дека Македонија мора да продолжи по европскиот пат „активно, со резултати и визија“. Тој нагласи дека целта на посетата е да ги промовира и брани националните интереси и позиции на земјата.

​Филипче соопшти дека СДСМ работи на проактивен пристап и конкретни решенија за деблокирање на процесот.

​„Во финална фаза е подготовката на Резолуцијата, која ќе биде вин-вин решение за државата и граѓаните. Со оваа Резолуција ќе понудиме национален механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија во текот на преговорите ако тие на било кој начин излегуваат од Преговарачката рамка“, рече Филипче.

​Тој додаде дека македонскиот јазик, културата и идентитетот се веќе заштитени со повеќе европски документи и со самата рамка. Со носењето на Резолуцијата, со национален консензус, ќе се потврдат овие позиции и ќе се изгради заеднички став за нивна заштита во домашните институции.

​Филипче потенцираше дека сега е време за политичка зрелост и заедничка одговорност.

​„Македонија мора да продолжи по европскиот пат кој гарантира развој, стабилност и сигурна иднина на македонските граѓани“, порача Филипче.

​За време на посетата, тој оствари средби со француски политички претставници од Генералниот секретаријат за европски прашања, Министерството за Европа и надворешни работи и од француското Собрание.