Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на големиот митинг во Струмица порача дека СДСМ треба да се издигне не само како партија, туку како силно движење на надежта, еднаквоста и човечноста, кое ќе ја донесе победата.
Филипче нагласи дека темелот на социјалдемократската визија се токму овие вредности: еднаквост, правда и грижа за човековото достоинство.
„СДСМ е партија што се бори за еднаквост, за правда, за човековото достоинство. Затоа што СДСМ не поттикнува омраза, туку се бори за општество за сите,“ изјави Филипче.
Тој потенцираше дека партијата верува во сила што ги поддржува, а не ги гази граѓаните, истакнувајќи дека „државата е најсилна кога е на страната на луѓето“.
Според Филипче, СДСМ отсекогаш била чувар на државните интереси и двигател на напредокот: „СДСМ секогаш бил и ќе биде потпора и заштита. И темел и кров. Партија што, со сите маани, никогаш не се откажа од патот кон слобода, еднаквост и напредок.“