Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанска трибина во Општина Центар го образложи слоганот „Се бориме за нашиот дом“, нагласувајќи дека тоа е борба за секој граѓанин, работник и секоја институционална сфера во државата.
Филипче истакна дека секоја политика и храбар потег на СДСМ биле насочени кон една цел – обезбедување подобри услови за живот за граѓаните и нивните деца.
„Се боревме и ќе се бориме за дом во кој секој ќе има свое место, дом во кој сечиј труд ќе биде вреднуван, а секоја капка пот да биде платена. Дом во кој секој човек ќе живее со достоинство“, објасни Филипче.
Тој додаде дека ова е и борба за дом во кој власта ги слуша граѓаните, во кој власта е отчетна и одговорна. „Дом во кој демократијата, правдата и солидарноста се светост и со нив не се прават компромиси“, нагласи претседателот на СДСМ.
Пред центарци, Филипче ги истакна социјалдемократските вредности, објаснувајќи дека тие значат верување дека државата е алатка за подобрување на животот на сите, и дека парите на граѓаните треба да се вложат токму во нив. Тоа е верувањето дека политиката мора да работи за народот, а не против него.