На средба со граѓани во Радовиш, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, изјави дека по четири години мандат на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, општините се „запуштени“ и граѓаните се „разочарани“.
Филипче го посочи Радовиш како пример, критикувајќи ја локалната власт за негрижа и неспособност.
„Во Радовиш прошетав на плоштадот – страшно и жално е колку еден среден град, каков што беше порано, сега е запуштен и задушен во смет. Инфраструктурата, улиците, чистотата – тоа се клучните индикатори колку градската власт се грижи за граѓаните и за градот. Тука во Радовиш, како и во многу други општини каде ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници, гледаме целосна негрижа, неспособност и отсуство на визија“, рече Филипче.
Граѓаните знаат да казнуваат, СДСМ е подготвен да го води процесот
Според Филипче, и покрај обидите на власта да ја убеди јавноста дека се живее добро, реалноста на терен е поинаква. Тој истакна дека граѓаните се разочарани и дека падот на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ на анкетите, со загубени близу 100.000 гласа за само една година, е доказ дека народот не може да се залаже.
На крајот од своето обраќање, претседателот на СДСМ повика на обединување за државата да се врати на вистинскиот пат, во спротивно ќе стане „тешка периферија на Европа“ и ќе биде под руско влијание. Тој потенцираше дека СДСМ е подготвен да го предводи тој процес со одговорна и транспарентна политика.