Филипче: Се случува економско цунами, странските инвестиции си заминуваат, најавено намалување на вработените за 30% во зоните

​Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција предупреди на сериозна економска состојба во државата, обвинувајќи ја Владата на ВМРО-ДПМНЕ за промашени економски политики. Според него, економско „цунами“ е веќе регистрирано преку негативни резултати кај странските инвестиции, што директно ја загрозува егзистенцијата на илјадници семејства.

​Филипче истакна дека Владата на премиерот Мицковски не само што не успеала да донесе нови странски инвестиции, туку за жал, се затвораат и оние кои со години работеле во земјава.

​„Веќе слушнавме дека две големи компании кои со години работеа во индустриските зони најавуваат ставање клуч на погоните во земјава. Компанијата Aptiv, која од 2016 година работи тука со 500 вработени, и Dura Automotive Systems, која најави стопирање на планираната нова инвестиција“, рече Филипче.

​Намалување на работните места за 30%

​Претседателот на СДСМ предупреди дека со овој негативен тренд, односно од досегашните и најавените отпуштања до крајот на годината, за околу 30% ќе биде намален бројот на вработени во зоните со странски инвестиции.

​„Ова е огромна бројка и огромна загуба на работни места. Ако на ова се додаде и тоа дека десетици компании од сферата на текстилната индустрија, наши домашни компании, се затвораат изминатите месеци, стигнуваме со бројка на илјадници луѓе, семејства на кои што им е загрозена егзистенцијата, кои се соочуваат со неизвесност“, посочи Филипче.

​Тој ја критикуваше Владата што не нуди никакви решенија или предлози за справување со овие предизвици, туку целосно го игнорира проблемот.