Филипче: Центар прв ќе му порача на Мицкоски и неговата банда – доста е

​Лидерот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Општина Центар порача дека токму Центар е повикан „да застане на нозе и да испрати силна порака до Мицкоски и неговата банда на власт“.

​„Центар на овие избори прв ќе се разбуди и ќе му порача на ова лажно, арогантно и своеволно владеење на Мицкоски дека е доста“, нагласи Филипче.

​Тој побара поддршка за актуелниот градоначалник Горан Герасимовски и за листата на советници предводена од Александар Савески, опишувајќи ги како луѓе со личен и професионален интегритет кои ќе работат во најдобар интерес на граѓаните.

​Филипче повика на масовна мобилизација на 19 октомври за СДСМ да оствари убедлива победа во Советот на општината. Но, тој додаде дека победата нема да биде целосна без силна поддршка за кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова.

​„Каја е жена борец, социјалдемократ по убедување, жена која го сака Скопје и знае како да го води градот. Каја е експерт за животна средина и сигурен сум дека ќе ги реши најгорливите проблеми на скопјани, со реални и остварливи проекти“, истакна лидерот на СДСМ.

​Тој ја спротивстави Шукова со нејзиниот противкандидат, кого го нарече човек на лажни и шарени програми, кој „ќе прави воз покрај Вардар“ и кој веќе три кампањи по ред ветува парк од Вардариште, а лаже.

​„Скопјани и центарци веќе не смеат да бидат излажани, ги повикувам да го дадат својот глас за луѓе на кои зборот им држи“, заклучи д-р Филипче.