Филмот „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска имаше извонредна светска премиера на 81. Венециски филмски фестивал. Со долг аплауз и стоечки овации, филмот ја отвори престижната селекција „Хоризонти“ во преполната Sala Darsena.
Филмот ја раскажува приказната за младата Тереза во Калкута во 1948 година. Во главната улога, светски познатата актерка Номи Рапас ја толкува идната Мајка Тереза како сложена, човечна и амбициозна личност.
Режисерката Митевска истакна дека филмот не е класичен биографски филм, туку обид да се прикаже женска историска фигура без идеализации, со сите нејзини противречности.
„Со „Мајка“ сакав да дадам нова перспектива, и да портретирам женска историска фигура прикажана без идеализации, туку со својата автентична сила, амбиција и противречности. Во таа смисла, „Мајка“ е филм за слободата“, изјави Митевска.
Првите критики го оценија филмот како „смело и современо филмско портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“.
Уште пред премиерата, „Мајка“ беше продаден за кино-дистрибуција во над 15 европски земји, што е ретко и извонредно достигнување за македонска продукција. Кино-прикажувањето започнува од 3 декември.
Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, изјави дека ова е голем исчекор за македонската кинематографија на светската сцена и отвора нови можности за идните генерации.
Филмот, кој е копродукција на Северна Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина, ќе биде прикажан пред македонската публика на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, од 20 до 26 септември во Битола.