Филмот „Татко, мајка, сестра, брат“ на познатиот режисер Џим Џармуш ја освои престижната награда „Златен лав“ на 82-то издание на Венецискиот филмски фестивал.
Во филмот, со импресивна актерска екипа составена од Кејт Бланшет, Том Вејтс, Адам Драјвер и Шарлот Ремплинг, се раскажува приказна за отуѓени браќа и сестри кои се принудени да се соочат со нерешени тензии по нивното повторно обединување. Филмот наскоро ќе биде прикажан и на Њујоршкиот филмски фестивал.
Големиот фаворит, филмот „Гласот на Хинд Раџаб“ на туниската режисерка Каутер Бен Ханија, ја освои наградата „Сребрен лав“. Овој филм, кој ја обработува темата за смртта на шестгодишно палестинско девојче, доби 23-минутни овации, што се смета за најдолги во историјата на фестивалот.
Македонија беше претставена со два филма и освои една награда. Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска ја отвори натпреварувачката програма „Хоризонти“, додека „Силјан“ на Тамара Котевска, кој се прикажа вон конкуренција, ја освои независната паралелна награда „Филм и уметност“ за најдобар филм.
Венецискиот фестивал традиционално ја означува сезоната на награди и се смета за прв показател за идните фаворити на Оскарите.