Финансиска полиција поднесе кривична пријава против 8 поранешни функционери од Сарај и Град Скопје: Злоупотреба тешка 1,7 милиони евра

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против осум лица, поранешни функционери и службеници во Општина Сарај и Град Скопје, како и против еден надзорен инженер. Тие се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење и фалсификување на деловни книги, со што на еден правен субјект му овозможиле противправна имотна корист од 108.638.840 денари (околу 1,7 милиони евра).

​Пријавените се поранешниот градоначалник Б.Б., поранешните секретари на Општина Сарај С.Ш. и Ќ.К., раководителите на сектор за урбанизам А.С. и Ќ.А., помладиот соработник А.Ш., раководителот на сектор за планирање и уредување на просторот во Град Скопје И.Б.Ш., како и надзорниот инженер Љ.Т.

​Според Финансиската полиција, пријавените изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, иако биле свесни дека за конкретната катастарска парцела (КП 10405/6 КО Сарај) не постои донесен детален урбанистички план (ДУП).

​Дополнително, надзорниот инженер Љ.Т. извршил технички преглед и изготвил завршен извештај со невистинита содржина.

​„На овој начин, пријавените лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувања, како и несовесно вршејќи ги своите должности, му овозможиле на правниот субјект ‘Азра Идриз’ ДООЕЛ од с. Глумово, Скопје – Сарај, да се стекне со противправна имотна корист во износ од 108.638.840 денари“, се наведува во соопштението.

​Лицата се товарат за кривични дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „Несовесно работење во службата“ и „Фалсификување или уништување на деловни книги“.