Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Европскиот парламент во Стразбур порача дека Европа живее во период на „максимална неизвесност и експлозивна нестабилност“, и дека на Унијата ѝ е потребно единство за да се справи со хаотичниот пејзаж.
„Светот е во најнесигурна и најопасна состојба во последниве децении, а Европа е во состојба на висока готовност. … Треба да се фокусираме на она што навистина е важно. А тоа е да испорачаме за Европејците“, изјави Фон дер Лајен за време на дебатата по двете иницијативи за изгласување недоверба на нејзината Комисија, поднесени од групите Патриоти за Европа и Левица.
Шефицата на ЕК истакна дека противниците на ЕУ се трудат да поттикнат поделби и да ги искористат тие поделби против самата Унија. Таа посочи дека тоа е причината зошто треба внимателно да се слушне изјавата на рускиот претседател Владимир Путин од Сочи, кога вината за војната во Украина ја префрли на Европа.
„Тој се пофали со она што го нарече „пукнатини на градбата на Европа“ и „разрушено единство“ во рамките на нашата Унија. Тој не го крие својот презир кон нашата Унија… и не ја крие својата радост и поддршка за сите свои послушни пријатели во Европа кои ја работат неговата работа за него“, нагласи Фон дер Лајен.
Таа предупреди дека ова е „најстариот трик“ – сеење поделби, ширење дезинформации и правење жртвено јагне, сето тоа за да ги сврти Европејците едни против други.
„Тоа е стапица и едноставно не можеме да паднеме на неа“, порача Фон дер Лајен, апелирајќи ЕУ да испрати порака на единство во однос на одбранбената подготвеност, демократскиот штит, зајакнувањето на конкурентноста и создавањето квалитетни работни места.