Франција официјално ја призна Палестина како независна држава

Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва на Генералното собрание на Обединетите нации потврди дека Франција ја признава Палестина како независна држава. Со овој потег, Франција им се придружува на Обединетото Кралство, Канада и Австралија, кои исто така неодамна ја признаа Палестина.

​„Светот е на чекор до губење на шансата за мир. Време е да се стави крај на војната во Газа“, порача Макрон, нагласувајќи дека решението со две држави е единствен пат за постигнување мир.

​Израел остро реагираше, оценувајќи дека признавањето е награда за тероризам и повторувајќи дека нема да има палестинска држава. Од друга страна, палестинските власти го поздравија чекорот, оценувајќи го како неповратен пат кон дводржавно решение.

​Со признавањето од страна на Франција, вкупно 153 земји-членки на ОН, што е речиси 80% од вкупниот број, ја имаат признато Палестина.

​Во меѓувреме, израелската офанзива во Газа продолжува. Според здравствените власти, во последните 24 часа загинало 61 лице, со што вкупната бројка на загинати од 7 октомври 2023 година достигнува 65.344 лица.