Францускиот премиер Франсоа Бајру вчера поднесе оставка, откако францускиот парламент му изгласа недоверба. Според изјавата од кабинетот на премиерот, Бајру денеска ќе ја поднесе и формалната оставка.
На гласањето, кое премиерот го побара пред две недели со цел да се потврди легитимноста на неговиот буџетски план, 364 пратеници гласаа против, 194 за, а 25 беа воздржани.
„Националното собрание не го одобри излагањето за општите насоки на политиката на владата. Премиерот мора да ја поднесе својата оставка до претседателот на републиката“, изјави претседателката на Националното собрание, Јаел Брон-Пиве.
Поради падот на Бајру, претседателот Емануел Макрон ќе мора да назначи свој четврти премиер во изминатите 12 месеци. Новиот премиер ќе биде именуван во наредните денови.